Д-р Љубо (Алексо) ПЕТКОВСКИ, редовен професор (во пензија) е роден во 1939 г. во с. Живојно, Битолско. Со основно образование се стекнал во училиштата во с. Живојно, с. Бач, Битолско и во с. Велушина, Битолско. Учителска школа завршил во Битола во 1959 г. Учителствувал во: с. Џепиште, Дебарско (1958/59 г.) (неколку месеци бил и раководител на училиштето) и во с. Црнеец, Битолско. Предавал физика, хемија, запознавање на природата, цртање и раководел со фолклорната секција. На Природно-математичкиот факултет во Скопје, група физика, се запишал во учебната 1960/61 г., а дипломирал на 1964 г., по што работи како професор во гимназијата во Битола. На постдипломски студии на групата за физика на цврсто тело се запишал во учебната 1969/70 г., а магистрирал во 1972 г. со магистерската работа „Испитување на коефициентот на термоелектромоторната сила на легурите од системот олово-бизмут во врска со дијаграмот на состојба“. Докторската дисертација „Електричен отпор и коефициент на термоелектромоторната сила на легурите од системот Bi-Pb“ ја одбранил во 1975 г. на ПМФ во Скопје. По дипломирањето е примен за асистент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје. Изведувал вежби по предметите: физика I и II, оптика, средношколско експериментирање, општа физика за медицинари, стоматолози, технолози и за студентите од Електротехничкиот факултет во Скопје. Во 1976 г. е избран за доцент по атомска физика. Во 1981 г. е избран за вонреден професор. Во 1986 г. е избран за редовен професор. Држел настава по предметите: механика, молекуларна физика, методика на наставата по физика со хоспитации за студентите на двопредметните четиригодишни студии по математика и физика, физика за студентите на Градежен факултет, механика и браново движење и топлина за студентите на прва година на Педагошката Академија во Скопје. Напишал интерна скрипта и практикум за вежби за физика I и физика II за студентите на двопредметните студии на групата математика/физика на ПМФ. Подрачја на научен интерес му се физика на кондензирана материја (термички, електрични и термоелектрични својства на метали и легури, добиени на конвенционален начин и синтерувани легури) и дидактика и методика на наставата по природни науки (природознание) во основното образование и методиката на наставата по физика во основното и средното образование. Од 1975 г. со соопштенија учествувал на повеќе конгреси на СДМФАЈ, на повеќе југословенски симпозиуми за физика на кондензирана материја, на неколку меѓународни научни конференции (во Измир – Турција 1994 г., Севиља – Шпанија 1996 г., 3rd General Conference of The BPU-1997., Cuij-Napoca, Romania, Велико Трново – Бугарија), како и на Првата конференција на физичарите на Македонија, 1996 г. во Охрид. Има објавено над 100 научни и стручни трудови, главно печатени во списанија во Република Македонија (Билтен на СДФ на СРМ и Годишниот зборник на Факултетот за физика, а цитирани во Реферативни журнали за Физика и Металургијана руски јазик и во педагошките списанија и зборници). Учествувал во изработка на терминолошкиот речник за физика. Бил претседател на редакцискиот одбор на Билтенот на СДФ на Македонија, член на редакцијата на списанието Импулс, уредник на АПСТРАКТИ 23-25 1991 Скопје, XII Југословенски симпозиум по физика на кондензирана материја. Бил раководител на два научни проекти. Бил ментор на над дваесеттина дипломски работи. Бил ментор на една магистерска работа. Бил неколку пати член на комисија за одбрана на магистерски и докторски дисертации. Бил член на претседателството на просветните работници на Република Македонија, претседател на синдикална организација на ПМФ, потпретседател на Работнички совет на ПМФ, раководител на Заводот за методика и општа физика, шеф на Институтот за физика на ПМФ, член на комисија за предлагање на кандидати за одликување, прв претседател на Сојузот на друштвата на физичари на Македонија. Добитник е на награди и признанија: Повелба од Сојузот на друштвата на математичари, физичари и астрономи на Југославија за заслужен член, Повелба за заслужен член на Сојузот на друштвата на физичари и Сојузот на друштвата на математичари на СР Македонија, Признание од Сојузот на друштвата на физичарите на СРМ за особен придонес во развојот и унапредувањето на наставата и научната работа од областа на физиката во СР Македонија, Благодарница од издавачката куќа „Просветно дело“ – Скопје, како признание за долгогодишна успешна работа и соработка во унапредувањето на учебникарската издавачка дејност, Повелба од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во знак на признание за придонес во развојот и унапредувањето на наставно-образовната и научната дејност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје. Пензиониран е 2003 г.