Центар за кариера

Центар за кариера

Центарот за кариера при нашиот факултет е посветен на поврзување на студентите со можности за професионален развој и унапредување на нивните кариери. Главната цел е да ја олесниме комуникацијата помеѓу студентите и работодавачите, обезбедувајќи пристап до можности за работа, практикантства и стручна пракса. Преку организирање на настани, работилници и саеми за вработување (во координација со Центарот за кариера на УКИМ), го поддржуваме развојот на вештини и создавањето на контакти кои им помагаат на студентите да се подготват за пазарот на трудот. Покрај тоа, Центарот активно работи на промоција на Факултетот и неговите студиски програми, истакнувајќи ги нивните предности пред потенцијалните студенти, партнери и работодавачи. Со ова, придонесуваме за зајакнување на угледот на Факултетот и привлекување на нови можности за соработка. Грижата за алумни мрежата е уште една клучна активност. Градиме база на податоци на дипломираните студенти, организираме настани за вмрежување и ги поврзуваме алумните со тековните студенти и факултетот. Овие активности не само што ја зајакнуваат заедницата, туку и создаваат мост помеѓу генерациите, овозможувајќи размена на искуства и професионална поддршка. Центарот за кариера е тука да Ви помогне да ги направите првите чекори кон успешна кариера, да се поврзете со вистинските луѓе и да го искористите Вашиот потенцијал. Следете ги нашите објави и откријте ги можностите што ги нудиме за Вашата иднина!

Контакт: kariera@pmf.ukim.mk

Членови на Центарот за кариера на ПМФ

  • Проф. д-р Никола Хаџи-Петрушев, Раководител
  • Проф. д-р Наталија Атанасова-Панчевска, Институт за биологија
  • Проф. д-р Свемир Горин, Институт за географија
  • Проф. д-р Илина Јакимовска, Институт за етнологија и антропологија
  • Проф. д-р Валентина Гоговска, Институт за математика
  • Доц. д-р Елена Вчкова-Бебековска, Институт за физика
  • Асс. д-р Пеце Шеровски, Институт за хемија

ПОКАНА ЗА „ДЕН ЗА КАРИЕРЕН РАЗВОЈ НА УКИМ“

Настанот „ДЕН ЗА КАРИЕРЕН РАЗВОЈ НА УКИМ“ оваа година ќе се одржи на 14 и 15 април на кампусот на техничките факултети на УКИМ.

 
Настанот е во организација на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Центарот за кариера на УКИМ, овојпат во соработка со БЕСТ (Бордот на Европски Студенти по Технологија - БЕСТ Скопје) по повод нивниот 20 годишен јубилеј, а со цел да ги доближиме компаниите до студентите, проширувајќи ги нивните кариерни можности. На овој настан, компаниите ќе имаат можност за остварување на директен контакт со студентите и презентирање на своите можности за вработување и практиканство за време и по завршување на студиите, со што ќе ги мотивираме и поттикнеме студентите во нивниот понатамошен кариерен развој.

Од Центарот за кариера на ПМФ


АЛУМНИ

АЛУМНИ МРЕЖА И РЕГИСТРАЦИЈА

Алумни мрежата на Природно-математички факултет има за цел да ги поврзе сите генерации дипломирани студенти, создавајќи заедница која го поддржува развојот и угледот на факултетот. Оваа мрежа овозможува постојана врска помеѓу факултетот и неговите поранешни студенти, промовирајќи соработка, размена на искуства и професионално вмрежување. Алумните играат клучна улога во градењето на мостови со индустријата и работодавците, со образовни и истражувачки институции во земјата и светот, како и во унапредувањето на стручните и научните активности. Преку алумни мрежата, поранешните студенти можат да придонесат за развојот на Факултетот, да ги заштитат професионалните интереси и да ги поттикнат етичките вредности во својата област. Оваа иницијатива го јакне чувството на заедништво и создава можности за идни проекти и партнерства. Доколку сакате да станете дел од нашата алумни заедница, Ве покануваме да се регистрирате во базата на алумни. Со пополнување на формуларот подолу, се приклучувате на мрежа посветена на поврзување на сегашните и поранешните студенти, како и пријателите на Факултетот. Вашите податоци ќе бидат безбедно чувани, а со регистрацијата се согласувате повремено да Ве контактираме преку е-пошта за активности и можности поврзани со Центарот за кариера. Вашето учество ќе помогне во зајакнувањето на врските и отворањето на нови перспективи за соработка. Пополнете го прашалникот и бидете дел од нашата приказна! Кликнете на линкот Пријава во Алумни базата или скенирајте го QR кодот подолу за полесен пристап преку мобилен уред.


КАДЕ МОЖЕ ДА РАБОТАТ ДИПЛОМИРАНИТЕ ФИЗИЧАРИ?

Дипломираните физичари своето вработување по завршувањето на стдиите по физика можат да го остварат во различни сектори во зависност од студиската програма на која дипломирале и тоа во:

-Научноистражувачки институти (домашни и странски)
-Високообразовни институции
-МАНУ
-Индустрија
-Основни и средни училишта
-ПЕТ центар, Институт за јавно здравје, Универзитетски клинички центар, медицински установи
-Истражувачки лаборатории

Дел од дипломираните физичари на Институтот за физика при ПМФ се успешни магистранти и докторанди на престижни универзитети во светот.

Дипломираните професори по физика работат во основни и средни училишта во земјата. Идните професори по физика се едуцирани да можат да креираат школски експерименти, симулации, е-книги и други нагледни средства за презентирање на физиката како интересна и динамична наука.

Дипломираните физичари од областа на теориската и применетата физика, работат во домашни и странски научноистражувачки институции, високообразовни установи, МАНУ, истражувачки лаборатории и во индустријата (КЕМЕТ електроникс, Џонсон Мети…).  Студентите се оспособени за математички и теориски истаржување на физичките појави, за примена на физичките закони во реални ситуации, за научно експериментирање, совладуваат софистицирани мерни техники кои се применуваат во научни, развојни и метролошки лаборатории. 

Дипломираните физичари од областа на медицинската физика работат во Универзитетскиот клинички центар и други медицински установи, Институтот за јавно здравје, Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (ПЕТ центар), лаборатории за контрола на квалитет. Медицинскиот физичар ги познава физичките принципи на работа на модерните медицински уреди, обучен е за планирање на медицинска зрачна терапија, контрола на квалитетот на опремата, имплементација на стандардите за заштита на медицинскиот персонал и пациентите од јонизирачки зрачења.

Дипломираните физичари од областа на астрономијата и астрофизиката можат да остварат кариера во академија, преку магистерски и докторски студии во државата и во странство како и во приватниот сектор. Студентите се оспособени за критичко размислување, за работа со големи бази на податоци и разни софтверски пакети, обработка на податоци од астрономски набљудувања, како и за примена на физичките закони во услови кои драстично се разликуваат од оние на Земјата.

Дипломираните физичари од областа на геофизиката и метеорологијата работат во Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ и Хидро-метеоролошките установи во државата. Студентите се оспособени за работа во сеизмолошки опсерватории, за истражувања поврзани со откривање на наоѓалишта на руди, нафта, гас, за работа во метеоролошки опсерватории, за прогноза и симулација на времето и климата.

ФИЗИЧАРИТЕ СЕ ДЕФИЦИТАРЕН КАДАР ВО ЗЕМЈАТА И НАЈЧЕСТО БРЗО ПОСЛЕ ЗАВРШУВАЊЕТО НА СТУДИИТЕ СЕ ВРАБОТУВААТ!


ИНФОРМАЦИИ ЗА КАРИЕРЕН РАЗВОЈ НА СТУДЕНТИТЕ НА ИФ

 

 

ПОВИК ЗА Torun Students Summer Program in Exact Sciences (TSSP ExSci) https://tssp.umk.pl/exsci/index.html

 


 


Следни испити

Април/Мај
П В С Ч П С Н
14151617181920
21222324252627
2829301234
567891011
12131415161718
сите

Резултати од испити

по датум     по предмет


© 2025. Институт за физика, ПМФ, УКИМ, Скопје.