Прва институција во Македонија што почна да работи на проблеми од физиката е Катедрата за физика, формирана на 3 декември 1946 г. Таа беше во состав на Природно-научниот оддел на Филозофскиот факултет, основан на 29 ноември истата година. Одлуката за создавање Катедра за физика беше израз на потребата од кадри од областа на природните науки за македонското школство, но исто така и израз на визионерството во однос на местото и улогата на физиката во современото општество. Почетните услови во кои почна со работа новата институција беа повеќе од скромни. Допрва претстоеше формирање на неопходните лаборатории и организирање на адекватна библиотека. Тешките околности се надминуваа со ентузијазмот на малубројните наставници и со чувството дека се гради институција што е темел во современиот свет. За тоа какви биле размислувањата на актерите во тоа време, добра илустрација се зборовите на професор Митриновиќ, искажани на Основачкото собрание на Друштвото на математичарите и физичарите на Народна Република Македонија [1]: "Би сакал меѓу математичарите и физичарите во иднина да дојде до израз, во поголема мера одошто досега, духот на колективноста, иницијативноста, залагањето, експедитивноста, како и постојаниот стремеж за научна и за стручна работа со што поголем квалитет. Во врска со тоа, би требало упорно да се бориме против незаинтересираноста, неиницијативноста и скептицизмот". Првите наставници по физика во високото образование во Македонија се Миодраг Живковиќ [2], д-р Марин Каталиниќ, Јосип Мозер (од 1949 г.), Ордан Печијаре и Нада Спасова (од 1948 г.). Во првата генерација имало 6 редовни студенти. Наставата се одвивала во објекти во централното градско подрачје на Скопје, кои веќе не постојат. Наставниот план [3] по кој студирала првата генерација студенти по физика ги содржел следниве дисциплини (во заграда се наведени имињата на наставниците по дадените предмети): експериментална физика (М. Живковиќ), општа математика (Драгослав Митриновиќ), диференцијално и интегрално сметање I (Д. Митриновиќ), аналитичка геометрија (Јоже Улчар), гониометрија (Ј. Улчар), руски јазик (Михаил Олењин), теорија на грешки (Д. Митриновиќ), виша алгебра (Ј. Улчар), калорика (М. Каталиниќ), увод во физички мерења (М. Каталиниќ), акустика (М. Живковиќ), наука за електрицитетот (М. Каталиниќ), термодинамика (М. Каталиниќ), диференцијално и интегрално сметање II (Ј. Улчар), диференцијални равенки (Д. Митриновиќ), теорија на вектори (Платон Димиќ), неорганска хемија (Димче Тошев), органска хемија (Јосиф Јанчулев), репетиториум на диференцијално и интегрално сметање (П. Димиќ), наука за електрицитет и магнетизам (М. Каталиниќ), оптика (М. Каталиниќ), практични вежби (М. Каталиниќ), одбрани делови од механика и акустика (М. Каталиниќ), семинар (М. Каталиниќ), увод во атомска физика (М. Каталиниќ), теориска механика (Петар Серафимов), одбрани делови од оптика (М. Каталиниќ), наизменични струи (М. Каталиниќ), школско експериментирање (М. Каталиниќ), педагогика (Киро Ќамилов) и упатување во дипломска работа (М. Каталиниќ). Студентите слушале вкупно 30 предмети, а се полагале 10 испити. Настава по физика била организирана и за студентите од наставните групи за математика, хемија и биологија, а исто така и за студентите на Медицинскиот факултет и на Вишата педагошка школа. Во првите години во летните месеци биле организирани и месечни курсеви за наставниците од основните и од средните училишта кои, во најголемиот дел, биле со неадекватно образование по физика, имајќи предвид дека по војната во Македонија имало само 4 дипломирани физичари. Особени се заслугите на проф. Печијаре во оформувањето на првите лаборатории на Катедрата за физика. Опрема за изведување на лабораториските вежби била купена во Источна Германија, делумно по пат на размена за прехранбени продукти. Дел од така добиените средства сé уште се во употреба. На истиот начин се добиени и книги и колекции на научни списанија (на пример, Physics Abstracts почнувајќи од 1933 до 1945 г., што потоа се купувало сé до 1980 г.). Значаен книжен фонд бил добиен и од постарите југословенски универзитети. Прв раководител на Катедрата за физика бил проф. д-р Марин Каталиниќ кој во Скопје дошол со повеќегодишно работно искуство од Универзитетот во Загреб. Според кажувањата на постарите колеги кои и лично го познавале, тој е особено заслужен за оформувањето на лабораториите на Иститутот и на збирката за демонстрациони експерименти, како и на повеќе практикуми. Тој бил и прв проректор на Универзитетот во Скопје и еден од неговите први ректори. Во текот на 1950 дипломирале првите физичари: Душко Томовски, подоцна редовен професор по германистика на Филолошкиот факултет во Скопје, Оливера Спасова (Прокопиева), подоцна професор по физика на Педагошката академија во Скопје и Георги Мавродиев, подоцна професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје. Во однос на просторните услови за работа, најкрупниот чекор бил остварен во почетокот на педесеттите години. Есента 1951 г. била дадена во употреба зградата на Природно-математичкиот факултет, изградена на исклучително убава локација, според тогаш модерните стандарди. |
П | В | С | Ч | П | С | Н |
---|---|---|---|---|---|---|
14 | 15 | 16 | 17 | 18 | 19 | 20 |
21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 | 27 |
28 | 29 | 30 | 1 | 2 | 3 | 4 |
5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 |
12 | 13 | 14 | 15 | 16 | 17 | 18 |