Pедовен професор (во пензија) д-р Љиљана Јаниќијевиќ

Предмети



Биографија

Д-р Љиљана ЈАНИЌИЈЕВИЌ (родена Хаџи-Ристова), редовен професор (во пензија), е родена 1938 г. во Скопје, каде што ги завршила основното и средното образование. Дипломирала на студиите по физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје во јуни 1961 г. како најдобар студент на генерацијата од целиот факултет. На постдипломски студии била во периодот 1963–1965 г. на универзитетот Индијана во Блумингтон, Индијана во САД. Магистрирала во јуни 1965 г. Научното звање доктор по физички науки го добила во 1973 г., откако на Институтот за физика на ПМФ во Скопје ја одбранила дисертацијата со наслов „Теорија на дифракција на светлината на линеарната зонска мрежичка“‘. Во наставно звање асистент за предметите од областа на теориската физика била избрана во 1961 г. на Институтот за физика на ПМФ во Скопје. На истиот факултет, во 1969 г. била избрана за доцент, во 1975 г. за вонреден професор, а во 1980 г. е избрана во звањето редовен професор. Како асистент држела вежби од сите теориски, но и од другите предмети на Институтот за физика. Како наставник ги предавала предметите: теориска механика, математички методи во физиката, теориска електродинамика со специјална теорија на релативност, физичка и квантна оптика, механика на континуирани средини (за студентите по метеорологија), физика (за студентите по градежништво) и физика (за студентите по геодезија). На постдипломските студии по оптика го предавала предметот теориска физичка оптика. Научниот интерес на д-р Љиљана Јаниќијевиќ е насочен кон проблеми од теориската физичка оптика, посебно кон интерферентните и дифракционите појави на хомогена и ласерска светлина, како и кон проблемите поврзани со т.н. сингуларна оптика. Автор е на 141 научни трудови, од кои 40 се објавени во реномирани меѓународни списанија, а од нив 10 се наоѓаат во списанија со фактор на влијание. Цитирана е од седумдесетина други автори. Учествувала со 60 научни соопштенија на домашни и меѓународни собири и конференции. Таа е автор на 33 стручни и 12 научно-популарни трудови од областа на физиката. Рецензирала голем број научни трудови, 1 монографија, 11 универзитетски учебници и 2 научни проекти. Коавтор е на еден средношколски учебник, а на македонски јазик превела 2 универзитетски и еден средношколски учебници од областа на физиката. Била раководител на 3 научни проекти и активен учесник во уште 10 други проекти, од кои 3 имаат меѓународен карактер. Остварила едномесечни научни престои на Јагелонскиот универзитет во Краков, Полска, на Универзитетите во Гент, Белгија и Каен, Франција. Била ментор на 3 докторски дисертации, еден магистерски и 30 дипломски трудови. Активен член е на Сојузот на друштвата на физичари на Р. Македонија. Била продекан на Факултетот за физика и во три мандати била шеф на Заводот за теориска физика при Институтот за физика. Била претседател на Школата „Млади физичари“, член на комисијата за наука при СИЗ за наука на СР Македонија, во периодот 1983–1994 г. била претседател на Редакцискиот одбор на списанието Годишен зборник физика, делегиран член во комитетот за наука на СФРЈ и делегиран член на Советот на Балканската физичка унија во периодот 1993–2001 г. Носител е на Орден на трудот со сребрен венец и добитник е на Златна плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Следни испити

Август/Септември
П В С Ч П С Н
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31123456
сите

Резултати од испити

по датум     по предмет


© 2026. Институт за физика, ПМФ, УКИМ, Скопје.