Д-р Мирјана ЈОНОСКА (родена Марјановиќ), редовен професор (во пензија), е родена во 1938 г. во Скопје, каде што завршила во гимназијата „Орце Николов“ како најдобар матурант. Дипломирала физика на ПМФ во Скопје 1960 г. Магистрирала на студии по физичка оптика во 1972 г. со трудот „Муаре-фигури на синусоидални мрежички“, а во 1975 г. ја одбранила докторската дисертација „Дифракција на кружни препреки со осносиметрична транспаренција и фаза“. 1961 г. се вработила на Физичкиот институт на ПМФ како асистент. Во звањето доцент е избрана во 1972 г., во звањето вонреден професор во 1978 г., а во звањето редовен професор во 1983 г. На студиски престои била на универзитетот во Брајтон, Англија, на Јагјелонскиот универзитет во Краков, а преку проектот „Темпус“ престојувала во Гент, Каен и Лајболд. Држела вежби и подготвувала опити речиси по сите предмети што биле предавани на Институтот. Иако асистент, од 1968 до 1972 г. изведувала настава по физика за биолози и математичари. Подоцна, предавала физика за математичари, физика на Градежниот факултет, а од 1988 г. до пензионирањето предавала електромагнетизам за студентите физичари. Од 1981 г. предава средношколско експериментирање на наставната насока и демонстрациони експерименти на двопредметните студии математика/физика. Била наставник на постдипломските студии по сончева енергија и по физичка оптика за областите теорија на муаре-ефектот и холографија и нејзината примена. Во 2000 г. се заложила за отворање постдипломски студии по методика на физиката. Таму е една од одговорните наставници на предметите физички експеримент и физички семинар. Била член во комисии за одбрана на над 84 дипломски работи (на 44 била ментор). Била ментор на еден магистранд, еден специјализант и член во комисии за одбрана на една специјалистичка, 15 магистерски и 9 докторски тези. Дејноста се манифестира преку 326 библиографски единици: автор или коавтор е на 114 научни трудови, публикувани во домашни и странски списанија, 2 монографии, 4 учебници 3 универзитетски практикуми, 9 средношколски и учебници за основно образование, 4 практикуми и 2 збирки задачи и околу 200 научно-стручни или популарни трудови; учествувала во 14 научноистражувачки проекти. Била рецензент на учебници по физика на сите нивоа на образование. На Факултетот учествувала во низа органи и комисии. Од 1979 до 1981 г. била продекан за настава и наука на Факултетот за физика. Била раководител на Заводот по оптика и спектроскопија на Институтот, раководител на Заводот за методика и општа физика, раководител на постдипломските студии по физичка оптика, како и по методика на физичката настава. Била член на Редакцискиот одбор на Зборникот на трудовите на Институтот. Од основањето на Школата „Млади физичари“, за чиешто отворање е еден од иницијаторите, повеќе пати била член на Советот на Школата и нејзин претседател. По основањето на списанието Импулс, таа е член на неговата редакција, а дваесетина години негов главен и одговорен уредник. Во рамките на Сојузот на друштвата на физичарите на РМ, од 1977 до1978 г. била секретар, а од 1986 до 1988 г. била претседател на Сојузот. Била член на Националниот комитет за физика на СФРЈ, трипати била претседател на Републичката комисија за натпревари, член на Редакцискиот одбор на Билтенот на Друштвото на физичарите на Македонија. Во 1979 г. е одликувана со Орден на трудот со сребрен венец, а добила и Републичка и Сојузна повелба како знак на признание за работата во Друштвото. Во 1997 г. ја добила републичката награда „Климент Охридски“.
Била член и потпретседател на Сојузната комисија за мерни единици при Сојузниот завод за мери и драгоцени метали во поранешна СФРЈ. Била член на комисиите за наставни планови и програми при Републичкиот завод за образование и воспитување; член (два мандати) на постојана Комисија за средношколски учебници при Педагошкиот совет на СРМ; рецензент на научни трудови од повеќе научни списанија; членувала во комисии за натпревари организирани од „Народна техника“. Се пензионирала во 2002 г.