Д-р Горѓи ИВАНОВСКИ, редовен професор (во пензија), е роден во 1945 г. во Скопје. Основно и средно образование стекнал во Скопје и во Битола. Високото образование го завршил на Физичкиот факултет при Харковскиот државен универзитет (сега Украина), на Катедрата по термодинамика и статистичка физика во периодот од 1964 до 1969 г. За континуиран одличен успех добил црвена диплома. На Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје се вработил во 1969 г. како асистент. Во периодот од 1970 до 1973 г. престојувал како аспирант на Факултетот за физика при Московскиот државен универзитет (МГУ) на Катедрата за теориска физика. Одбранувајќи ја кандидатска дисертација под наслов „Кон теоријата на електроакустичките појави во металите“ во 1973 г., се здобил со научното звање кандидат по физичко-математичките науки. Докторската дисертација со наслов „За појави условени со електрон-фононско заемодејство во нормални метали“ ја одбранил во 1976 г. на тогашниот Факултет за физика во Скопје. Во 1977 г. е избран за доцент, во 1982 г. во звањето вонреден професор, а во 1987 г. во звањето редовен професор. Во повеќе наврати бил на студиски престои на универзитетите во Москва (1984), Вороњеж (1983 и 1986), Софија (1990) и Лондон (1991 г.). Како наставник ги предавал предметите: математички методи во физиката, квантна механика за студентите физичари, квантна механика за математичари, општа физика за хемичари, статистичка физика, механика и молекуларна физика. Предавал техничка физика и општа физика на студиите за заштита при работа на Техничкиот факултет во Битола. Бил наставник на постдипломските студии по теориска физика и на постдипломските студии на Хемискиот факултет. Бил ментор на голем број дипломци и на неколку магистрати и докторати. Автор или коавтор е на шест универзитетски учебници, меѓу кои Квантна механика – системи од многу честички (2000) и Статистичка физика (2002), кои се први учебници на македонски јазик од оваа област, на еден средношколски учебник и неколку збирки задачи по физика. Резултатите од неговата научна работа од областа на теориската физика на цврсти тела и квантната механика се презентирани во над стотина трудови, печатени во следните списанија: Физика твердого тела, Журнал експерименталнои и теоретическои физики, Физика низких температур, Physica status solidi, Journal of Physics: Condens. Matter, Journal of Physics, Mol. Opt. Phys., Physical Review A, Physics Letters, Journal of Molecular Structure, Physics of LowDimensional Structures, Physica Skripta, Вестник Московского университета, Journal of Magnetism and Magnetic Materials, American Journal of Physics, N. Jb. Miner. Abh., Z. Phys.,Journal of Physical Studies, Journal of Mathematical Chemistry, Croatica Chem.Acta, Годишен зборник за Физика (Physica Macedonica), Билтен на друштвото на Физичарите на Македонија и Физика. Со соопштенија учествувал на повеќе меѓународни и домашни конференции и симпозиуми. Бил раководител на повеќе научноистражувачки проекти, некои и од меѓународен карактер. Бил раководител и на двогодишен проект финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија. Бил претседател и учесник на Школата „Млади физичари“, главен уредник на списанието Импулс, каде што објавил и свои написи. Бил претседател на Извршниот одбор на гранкова интересна заедница за наука, потпретседател на нејзиното собрание, член на комисија за научни проекти; член на Универзитетскиот совет и на негови комисии, член на различни комисии и тела на ПМФ. Во периодот од 1991 до 1995 г. (два мандати) бил декан на Природно-математичкиот факултет. Има објавено триесетина колумни во печатените медиуми, во кои се засегнати прашања од образованието во Република Македонија.