Д-р Виктор УРУМОВ, редовен професор (во пензија), е роден во Белград (1946 г.). Основно училиште (Петар Петровиќ Његош) и гимназија (Јосип Броз Тито) завршил во Скопје во 1960 г., односно во 1964 г. Тогаш добил неколку награди (прва на Сојузниот југословенски натпревар по математика, втора на Меѓународната олимпијада по математика во Москва, 1964 г.). Високо образование по физика стекнал на Московскиот државен универзитет Ломоносов (1969 г.). На постдипломски и докторски студии бил во Манчестер и Кембриџ. Магистрирал (1971 г.) и докторирал (1973 г.) на универзитетот Викторија во Манчестер со теми од теоријата на полиелектролитни раствори. На ПМФ работел од 1969 до 2011 г. како асистент (1969 г.), доцент (1977 г.), вонреден (1982 г.) и редовен професор (1989 г.). Држел теориски вежби во Скопје и во Кембриџ, а во Скопје и лабораториски вежби од општа физика. На УКИМ одржувал настава на Градежниот факултет по Општа физика (1975/76 г.) и на ПМФ по Математичка физика (1976–2011 г.), Статистичка физика (1980/81 г.), Компјутерска физика (1988/89 г.), Историја на физиката (1991–2011) и Атомска физика (2004/05 г.). На универзитетот во Гејнсвил (Флорида, 1980 г.) предавал применета математика и егзактно решливи задачи во статистичка механика, а на универзитетите во Сиди-бел-Абес и Оран во Алжир, квантна механика, атомска и нуклеарна физика и применета математика (1985/88 г.). Предавал и на универзитетот во Битола (Општа физика, 1977/78 г.), на Универзитетот во Приштина (Статистичка физика со термодинамика, 1978/79 г.), на Балканскиот универзитет во Скопје (Линеарна алгебра, 2008/09 г.). Бил ментор на четири докторанди и седум магистранди. Објавил универзитетски учебник по математичка физика, збирка задачи – Меѓународни олимпијади по физика (Просветно дело, 1996, односно 1999 г.), Лексикон по физика, со четиријазичен терминолошки и биографски речник (Арс Ламина, 2016 г.) и уште три книги како коавтор. Неговите научни публикации (53 во странство, од нив 22 самостојни, 44 во Македонија, односно Југославија, 29 самостојни) се поврзани со егзактно решливи задачи за фазните премини кај Изинговите модели (магнетизација на системи со поголем спин, присуство на примеси и случајни полиња), универзалните константи кај детерминистички системи (со и без асиметрија на унимодални пресликувања), поведението на нелинеарни системи и нивна контрола, системи со многу честички, сциентометрија и др. Според Research Gate, цитиран е над 500, а според Google Scholar над 600 пати. За образованието по физика објавил 42 написи (10 во странство). Раководел со првиот проект „Темпус“ за студиите по физика на ПМФ (1998–2001 г.) и ја организирал (2002 г.) првата студија за атмосферската загаденост со тешки метали со помош на биомониторинг врз база на примероци на мов со опфат на целата територија на Република Македонија. Одржал 43 предавања на конференции/семинари, 22 надвор од Македонија и 107 соопштенија (61 во странство, 39 усни, 37 постерски и 31 презентација од коавтори). Бил продекан и декан на Факултетот за физика (1981/83, 1983/85 г.), претседател на Друштвото на физичари на Македонија (1993/97 г.), раководител на македонските учесници на Меѓународните олимпијади по физика (1996–2011 г.), член на Извршниот комитет на Балканската унија за физика (BPU, 1994–2002 г.) и член на Извршниот одбор на Европското друштво на физичари (2006/10 г.). Награден е со југословенски орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда (1984 г.), членство како Fellow of the Institute of Physics (Велика Британија, 2005 г.) и почесна награда од BPU (Истанбул, 2015 г.). Член е на редакцијата на Македонската енциклопедија.