Проф. д-р Јосип МОЗЕР (1915 - 1997)
Д-р Јосип МОЗЕР, редовен професор (12 септември 1915, Осијек, Р. Хрватска – 20 ноември 1997, Загреб, Р. Хрватска) Одраснал во работничко семејство. Основното и средното образование ги завршил во родното место, а во 1937 г. на Сеучилиштето во Загреб ги завршил студиите од групата математика/физика. Во 1960 г. докторирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, одбранувајќи ја дисертацијата под наслов „Теорија на дифракција на светлината кај зонските мрежички“. До 1950 г. работел како средношколски професор во Дубровник, Плевља, Вировитица и Осијек. Од 1950 г. бил ангажиран како прв предавач по предметите теориска физика и квантна механика на Катедрата по физика на Филозофски факултет на Универзитетот во Скопје. Во 1954 г. е избран во звањето доцент, во 1960 г. е унапреден во звањето вонреден професор, а во 1965 г. е избран за редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тој ги предавал предметите: теориска механика, теориска електродинамика, квантна механика, математички методи во физиката, и општа физика за студентите хемичари, биолози и градежници на Универзитетот во Скопје и предметите од теориските физички дисциплини и од областа на теориската физичка оптика на постдипломските студии по физичка оптика на ПМФ на универзитетите во Приштина и Сараево. Во неколку наврати професорот Мозер бил на научни престои во Гетинген, Германија. Научната активност на проф. д-р Јосип Мозер се одвива во областа на физичката оптика и квантната механика. Најголем дел од неговите научни трудови се од теоријата на интерференцијата и дифракцијата на светлината. Раководел со првиот научен проект од физичката оптика, „Муаре-фигури и нивна примена“, кој стартувал во 1965 г. и на други два од оваа област. До пензионирањето во 1980 г. е член на групата што континуирано работи на проектите под општ наслов: „Теориски, развојни и применети оптички истражувања“. Проф. Мозер и по пензионирањето, цели дванаесет години покажуваше значајна научна активност. Автор е на 116 научни трудови, од кои 13 се печатени во меѓународни научни списанија, а 22 во списанијата на поранешна Југославија. Освен што соработувал со Институтот за теориска физика на Универзитетот во Гетинген – Германија, имал соработка и со Физичкиот институт на Сеучилиштето во Загреб и со Институтот за физика при Универзитетот во Приштина. Под негово непосредно менторство се изработени 3 магистерски и 8 докторски дисертации. Објавил и многубројни стручни трудови. Бил коавтор на првите средношколски учебници пишувани на македонски јазик. Објавил три средношколски учебници, два универзитетски учебници за студентите на Скопскиот универзитет (Квантна механика издаден во 1963 г. – прв учебник од оваа област на Универзитетот и Одбрани делови на физиката, наменет за студентите од Градежниот факултет, издание од 1970 г.) и два за студентите на Приштинскиот универзитет (Hyrje ne fizike teoretike, во соавторство со Р. Бејтулаху, 1979 г., и Hyrje ne teorie te relativitet, 1984 г.). Бил долгогодишен раководител на Заводот за теориска физика на Институтот за физика, претседател на Друштвото на математичарите и физичарите на Македонија и делегиран член од Сојузот на друштвата на математичарите, физичарите и астрономите на Југославија во Светската физичка асоцијација. Поради својата долгогодишна активност, тој бил почесен член на Друштвото на физичарите на Р. Македонија. За своите залагања бил одликуван со Орден на трудот од III ред и со Орден заслуги за народ со сребрени зраци.
Проф. Мозер починал на 20 ноември 1997 во Загреб.