Проф. д-р Мијат МИЈАТОВИЌ (1950 - 2000)
Д-р Мијат МИЈАТОВИЌ, редовен професор (15 март 1950 г., с. Вучковица, Лучани, Србија – 25 декември 2000 г., Скопје). Основно училиште завршил во соседното село Котража, а природно-математичка гимназија во Чачак. Дипломирал во 1973 г. на отсекот за физика на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Белград. Магистрирал во 1977 г. на истиот факултет. Во 1980 г. ја одбранил докторската дисертација на Факултетот за физика во Скопје. Во периодот од 1974 до 1978 г. работел во Институтот за физика во Белград како помлад асистент, а од 1978 г. е вработен на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. За доцент е избран во 1981 г., за вонреден професор во 1986 г., а за редовен професор во 1992 г. Ги предавал следните предмети: статистичка физика со термодинамика и астрономија со астрофизика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а статистичка физика и физика на цврсто тело на Природно-математичкиот факултет во Подгорица, Црна Гора. Има објавено 74 научни трудови од областа на квантната и статистичка механика, теоријата на концентратори, непотенцијални интеракции и диференцијални равенки, од кои 60 се публикувани во меѓународни списанија, а другите во национални списанија или во зборници на трудови од научните собири. Презентирал 68 трудови на научни собири претежно со меѓународен карактер. Тој бил коавтор на две монографии од областа на теоријата на концентратори и диференцијални равенки. Бил член на рецензентските тимови на две меѓународни списанија. Учествувал во работата на 8 научни проекти, од кои водел два (еден од нив бил југословенско-американски). Бил надворешен соработник на Институтот за нуклеарни науки „Винча“ и на Институтот за фундаментални истражувања во Монтеродуни (Италија). Соработувал со следните научни институти и универзитети: универзитетите во Нови Сад, Белград и Подгорица, Институтот за физика во Земун, Институтот за нуклеарни науки „Винча“, Универзитетот во Патрас (Грција), Институтот за фундаментални истражувања во Флорида (САД). Бил член на Друштвото на физичарите на Македонија, претседател на комисија за натпревари и претседател на Македонското астрономско друштво. Бил и претседател на Школата „Млади физичари“. Двапати бил шеф на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Проф. Мијатовиќ починал на 25 декември 200 година во Скопје.