Проф. д-р Славчо БАХЧЕВАНЏИЕВ (1928 - 2004)
Д-р Славчо БАХЧЕВАНЏИЕВ, редовен професор (1928 г., Охрид – 14 март 2004 г., Скопје). Средното образование го завршува во 1947 година во родното место. Во 1951 г. дипломира на Катедрата по физика на Природно-математичкиот факултет, тогаш оддел на Филозофскиот факултет во Скопје. Како студент врши демонстраторска должност на Катедрата по физика. Две години предавал во СТУ „Здравко Цветковски“ во Скопје. Веднаш по дипломирањето е избран за асистент по експериментална физика при Катедрата за физика на Природно-математичкиот оддел на Филозофскиот факултет. Во 1960 г. ја одбранил докторската дисертација и истата година бил избран за доцент по предметот одбрани делови на механиката и оптика на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет. Во 1965 г. е унапреден во звањето вонреден професор, а во 1971 г. е избран за редовен професор. Проф. Бахчеванџиев водел многубројни генерации студенти медицинари и виши рендгенски техничари на Медицинскиот факултет во Скопје и студенти на Вишата текстилна школа во Лесковац. Остварил повеќемесечни престои во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во „Винча“ (1958/59), во Институтот „Руѓер Бошковиќ“ во Загреб (1960), како и едногодишен престој во Институтот за оптика во Париз (1962/63). Во својата наставна активност, проф. д-р С. Бахчеванџиев ги збогатува лабораториските практикуми по предметите: оптика, одбрани делови на механика и средношколско експериментирање. Во 1970/71 г. тој е иницијатор и организатор на постдипломските студии по физичка оптика на кои држел предавања и ја организирал научноистражувачката работа од експерименталната физичка оптика. Основач е на лабораторијата за холографска интерферометрија и оптика на тенки слоеви. Бил ментор на пет магистерски работи и три докторски дисертации, а како член на рецензиони комисии и комисии за одбрана учествувал во 15 магистерски трудови и 10 докторски дисертации. Бил раководител на проектот „Фундаментални, применети и развојни оптички истражувања“ (четири пати) и на меѓународниот проект „Следење на процесите на деградација кај сребрени огледала“. Бил член на тимовите на четири други проекти. Објавил 41 научен труд во списанија во земјата и во странство, како и 28 стручни трудови. Учествувал на повеќе конгреси на МФАЈ, на три симпозиуми за полимери и физика на кондензирана материја и на Првата конференција на ДФМ. Коавтор е на 2 универзитетски учебници по општа физика наменети за студентите на Медицинскиот факултет, на повеќе авторизирани скрипти и на првите средношколски учебници по физика на македонски јазик (1963–1966 г.). Бил рецензент на повеќе други учебници. Членувал во комисии за подготовка на наставни планови и програми. Основач е и прв претседател на Школата „Млади физичари“. Бил прв главен уредник на списанието за популаризација на физиката меѓу младите Импулс. Проф. Бахчеванџиев одржувал повеќегодишна соработка со Физичкиот институт на Јагелонскиот универзитет во Краков – Полска, а воспоставил соработка и со стопанството. Бил пратеник во Културно-просветниот собор на Собранието на СРМ и претседател на Одборот за образование и наука при овој собор (1967–1971 г.); член и претседател на комисии при СИЗ за образование на СРМ; претседател на РК на Народна техника на СРМ; претседател на Советот на Факултетот за физика; проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“; декан на Факултетот за физика; шеф на Институтот за физика на ПМФ; претседател на СДФ на Македонија; претседател на САРО на Југославија и др. Носител е на Орден на трудот од прв ред; Орден на трудот со сребрени зраци; Орден на трудот со сребрен венец, а добил и Повелба „17 Април“ и Плакета „Борис Кидрич“ на Народната техника на Југославија.
Проф. Бахчеванџиев починал на 14 март 2004 година во Скопје.