Проф. д-р Александар Гичевски (1933 - 2014)
Д-р Александар ГИЧЕВСКИ, редовен професор (9 декември 1933 г., Свети Николе – мај 2014, Скопје). Средно образование завршил во 1952 г. во Белград. Природно-математички факултет завршил во 1960 г. во Скопје, а магистерски студии во 1973 г. со одбрана на магистерскиот труд „Еластични параметри и коефициент на апсорпција на ултразвучните бранови во легурите од системот бакар-калај“. Во 1980 г., на Природно-математичкиот факултет во Скопје со одбрана на темата „Испитување на особините на термотропни течни кристали со ултразвук во зависност од температурите и електричното поле“ се стекнал со звањето доктор по физички науки. Одржувал настава по општа физика за студентите од Институтот за биологија. Од основањето на Фармацевтскиот факултет до пензионирањето држел настава по предметот физика за фармацевти, а подолго време предавал биофизика за студентите од Медицинскиот факултет во Скопје. На студиите по метеорологија при Институтот за физика на ПМФ во Скопје одржувал настава по предметот физика на метеоролошките инструменти. Со оваа настава, Александар Гичевски бил повремено ангажиран и по пензионирањето. На постдипломските студии по физика на кондензирана материја и сончевата енергија одржувал настава по предметите физика на металографијата и основи на актинометријата, а на Институтот за биологија држел настава по предметот основни елементи од биофизиката. Редовен предавач е на Балканската школа за примена на ултразвукот во медицината – Охрид. Член е на повеќе здруженија за биофизика и медицинска физика на ниво на поранешна Југославија, Бугарија и Русија. Физиката на ултразвукот и неговата примена е потесната научна област во која се одвива неговата активност. Активно соработувал со повеќе институти за биофизика од поранешна Југославија и од балканските земји. Објавил 40 научни трудови, од кои 5 во списанија надвор од Македонија. Со соопштенија учествувал на 10 научни собири надвор од Македонија. Учесник е во 5 научни проекти. Коавтор е на два учебници („Општа физика“ и „Биофизика“) наменети за студентите на Универзитетот во Скопје. Автор е на еден учебник за средно училиште. Учествувал во апликативната дејност на Институтот за физика од областа на физички мерења на параметри на различни материјали. Бил продекан на Факултетот за физика во учебните 1979/80 и 1980/81 г. и раководител на Институтот за физика во периодот 1989–1990 г. Извесен период бил директор на Републичкиот хидрометеоролошки завод во Скопје.
Проф. Гичевски починал во мај 2014 година во Скопје.