IN MEMORIAM Dr Марија Фукарова-Јуруковска

Subjects



Biography

Д-р Марија Харалампи ФУКАРОВА-ЈУРУКОВСКА (1943 - 2026). Д-р Марија Харалампи ФУКАРОВА-ЈУРУКОВСКА е родена на 2 јуни 1943 година во Скопје. Основно и средно образование завршила во Скопје. Природно-математички факултет во Скопје, група физика, завршила во 1967 г. како најдобар студент на генерацијата. Постдипломски студии на насоката за физика на тврдо тело завршила на ПМФ во Скопје во 1973 г., одбранувајќи го магистерскиот труд „Дилатометриска анализа на легурите од системот Ag-Zn во подрачје од 24-48 теж. % Zn“. Со докторат на физичките науки се здобила во 1979 г. со одбрана на докторската дисертација „Метастабилната р-фаза на системот Ад-Zn и нејзиното формирање при калење на легурите (27-48 теж. % Zn)“. За асистент на Електромашинскиот факултет во Скопје е избрана во 1968 г., а за доцент во 1980 г. на Факултетот за физика во Скопје. Во 1986 г. е избрана за вонреден, а во 1992 г. за редовен професор на ПМФ во Скопје. Изведувала настава по предметите: физика за студентите градежници, физика за студентите по геодезија, физика II со практикум и настава на постдипломските студии на насоките сончева енергија и физика на тврдо тело. Во домашни и странски списанија објавила 37 експериментални научни трудови од повеќе области во физиката (нуклеарна физика, метали и легури, прашкова металургија, суперспроводници, полуспроводници). Публикувала 18 стручни трудови во списанието Импулс, во изданијата на летната школа „Млади физичари“, во изданијата на „Просветно дело“ и во „Физика во здружениот труд“ (I и II советување). Учествувала во 9 научноистражувачки проекти, еден од нив во соработка со ПМФ во Белград (1968 г.), еден со Универзитетот на Калифорнија во Беркли, САД (1974 г.), и со Универзитетот во Вороњеж. Била раководител на три научни проекти. Била вклучена во апликативни истражувања поврзани со испитување топлоспроводност и термодилатометриски истражувања на различни типови челици. Учествувала во научна соработка со институции во Белград, Беркли, Софија и со МАНУ (Скопје). Студиски престојувала во Токио (Јапонија) и во Трст и Болоња (Италија). Редовен учесник со реферати била на ЈСФКМ од 1976 г. и на ЈКФМА од 1975 г. Учествувала на 10. EPS – Севиља (Шпанија), во 1996 г., EPS – 11 Лондон, Англија, 1999,17th European Photovoltaic Solar Energy,Munih, Germany 2001 и PV in Europe, From PV technology to Energy solutions, Roma, Italy, 2002. Учествувала во работата на самоуправните органи на ЕМФ и ЕТФ, била претседател на Извршниот одбор на УЦМТН, член на Извршниот одбор на ПМФ, секретар и претседател на Сојузот на Друштвата на физичарите на СРМ, член на КОАЖ на град Скопје, член на ИО на Синдикатот на Факултетот за физика и на Самостојниот синдикат на ПМФ; член на Советот на школата „Млади физичари“ и на ИФ при ПМФ. Од 1991 г. била секретар на редакцискиот одбор на списанието Годишен зборник – Физика на ПМФ во Скопје, а од 1995 г. негов претседател. Со група автори напишала „Збирка решени задачи по физика“, 1982 г., која во 1996 год излезе како трето поправено издание во две книги од Универзитетот „Св. Кирил и Методи“. Напишала книга со предавања ФИЗИКА 2, електромагнетизам и оптика издадена од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ПМФ, 2001 г., Скопје за студентите од групата математика/физика.

Проф. Фукарова-Јуруковска се пензионирала во 2007 година како редовен професор на Институтот за физика при ПМФ - Скопје, а починала на 6 февруари 2026 година во Скопје.

© 2026. Institute of Physics, PMF, UKIM, Skopje.