Retired professors Dr Stanoja Stoimenov

Subjects



Biography

Д-р Станоја СТОИМЕНОВ, редовен професор (во пензија), е роден во 1946 г. во Луковица, Р. Македонија. Студии по физика завршил на ПМФ во Скопје. Магистрирал на Факултетот за физика во Скопје, а докторска дисертација одбранил на Белградскиот универзитет. Од 1971 г., па сè до пензионирање (2011 г.) работниот век го поминал на ПМФ. Изведувал лабораториски и нумерички вежби за студенти физичари и нефизичари на матичниот и на други факултети. Настава одржувал од: архитектонска физика на Архитектонскиот факултет, физика на нови материјали, физички принципи на ултразвучната дијагностика и терапијана ПМФ, биофизика на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Изведувал настава и на постдипломски студии на ПМФ. Научната активност му е од областа на физиката на кондензирана состојба, а посебно физиката на новите материјали: недеструктивни испитувања со ултразвук во домените на физиката на нови материјали (акустичката транспаренција и еластичната и магнетоеластична карактеризација на порозни и компактни метални материјали), синтетизирање и карактеризација од структурен, електричен и магнетен аспект на високотемпературно суперспроводливи материјали (ВТСМ). Неколку месеци по доделувањето на Нобеловата награда од областа на физиката за ВТСМ, под негово раководство, по алтернативни постапки, на Институтот за физика при ПМФ се добиени првите ВТСМ, чии резултати веднаш беа објавени (1988 г.). Бил ментор и раководител на проекти за добивање и испитување на „паметни“ материјали со ефект на помнење форма. Објавил повеќе од 100 научни и стручни трудови, 1 патент, 1 монографија (МАНУ). Учествувал на 61 научен собир (16 домашни и 45 надвор од Р. Македонија). Учествувал во реализацијата на 25 проекти (од кои бил раководител на 4 национални и на 3 меѓууниверзитетски). Автор или коавтор е на 4 рецензирани и на повеќе привремени учебници, а бил и рецензент на учебници (за сите образовни степени). Бил ментор за изработка на докторски дисертации, а учествувал во комисии за оценка и одбрана на 17 докторски дисертации, од кои десет надвор од ПМФ. Бил промотор и рецензент за избор на professor honoris causa од странство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Реализирал соработка и престој на повеќе национални и интернационални институции или универзитети во светот: Универзитетот за природни и медицински науки во Гренобл, Јагелонскиот универзитет – Полска, Intemational Centre for Theoretical Physics, International Institute Science of Sintering, Институтот за Физика на тврдо тело при Бугарската академија на науките, Sorbonne Nouvelle University – Paris, Институтот за технички науки – САНУ, Study Visit on Policy Making and Strategic Management – UNESCO, Физички факултет при Белградскиот Универзитет, Pierre et Marie Curie University – Paris, Факултет по физикапри Софискиот универзитет, каде што одржувал семинари и презентирал резултати од научни истражувања. Учествувал во повеќе активности, „Belgrade School of Sintering“, бил претседател на Комисија за издавање учебници од физика за основно и за средно образование на РМ. Бил член на: Редакцискиот одбор на Билтенот на Друштвото на физичарите на РМ и на уредувачкиот одбор на Инженерство, Комисијата за изготвување нацрт-стратегија за образованието на РМ, претседател на Комисијата за полагање стручен испит од физика, Редакцискиот одбор на Physica Macedonica, Higher Education and Research Committee (CC-HER) при Советот на Европа, претседател на ИО на ПМФ, Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Бил учесник во Програмата за технолошки развој на РМ, 2002-2006, претседател на Друштво на физичарите на РМ, шеф на Институтот за физика при ПМФ. Учествувал на повеќе собири организирани од Советот на Европа – Стразбур и од УНЕСКО – Париз, а за имплементација на Болоњскиот процес одржал повеќе предавања на конференциите на ДФРМ и пред членовите на ПМФ. Како резултат на успешна и повеќегодишна меѓууниверзитетска соработка при сестраните истражувања во домените на физиката тврдо тело и физиката на новите материјали, од страна Јагелонскиот универзитет во Краков (Полска) му е доделен Медал на Универзитетот PLUS RATIO QUAM VIS (Alma Mater, 137-138, p. 59, 2011).

© 2026. Institute of Physics, PMF, UKIM, Skopje.