Д-р Зора МИТРЕСКА, редовен професор (во пензија), е родена на 1 октомври 1948 во Ракитница, Демир Хисар. Основно и средно образование завршила во Скопје. Во учебната 1966/67 г. се запишала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, група физика, на која дипломирала во 1970 г., завршувајќи ги применетата и наставната насока. Како асистент на Институтот за физика на ПМФ во Скопје била примена во 1971 г. Во учебната 1972/73 г. престојувала на Калифорнискиот државен универзитет во Чико, САД, каде што ја одбранила магистерската работа „А study of self-absorption within a linear source of gamma radiation“. Докторската дисертација „Трансформација на астигматични ласерски снопови од основен и повисок мод со помош на препреки со еднодимензионална периодичност“ ја одбранила во 1990 г. на ПМФ во Скопје, под менторство на проф. д-р Љиљана Јаниќијевиќ. За доцент е избрана во 1991 г., за вонреден професор во 1996 г., а за редовен во 2001 г. Изведувала настава по предметите физика I со практикум за двопредметните студии математика/физика, механика и браново движење и топлина на Педагошката академија во Скопје и современи методи на експериментот во наставата по физика и физички семинар на постдипломските студии. Главно подрачје на научен интерес е дифракција и интерференција на хомогена и нехомогена ласерска светлина на различни видови оптички елементи. Има објавено 34 научни трудови во земјата и 7 во странство во списанијата: Balkan Physics Letters, Optical Applicata, Optik, Pure and Applied Optics. Објавила 26 стручни трудови во домашни списанија и списанија за популаризација на физиката. Учествувала на 20 конгреси и научни собири во земјата и на 6 во странство. Учествувала во неколку научни проекти од областа на оптиката и унапредување на наставата по физика и била раководител на проект од 2001 до 2003 г. Била секретар на списанието Physica Macedonia од 2001 до 2003 година и главен и одговорен уредник од 2003 до 2006 г. Била ментор на 14 дипломски работи и член на комисии за одбрана на 60 дипломски работи. Била член на комисија за одбрана на една докторска и една магистерска работа. Била рецензент на научни трудови во домашни списанија, рецензент на универзитетски учебник и средношколски учебници и автор на еден средношколски учебник. Од изборот за доцент, постојано е член на комисијата за квалификациони испити за прием на нови студенти, претседател на комисијата за самоевалуација на Институтот за физика од 2001 до 2005 г. и многу други комисии на ПМФ. Три години била секретар на Школата „Млади физичари“ и учествувала во работата на летните сесии на оваа школа во својство на предавач. Има одржувано повеќе популарни предавања од физика во средните училишта на Македонија и предавања на семинари за наставниците по физика. Учествувала и во изработка на терминолошки речник за физика (во рамките на МАНУ). Била секретар на Друштвото на физичарите на Република Македонија во два мандати, член на извршниот одбор, претседател на комисијата за задачи на натпревари по физика за основно и средно образование, секретар на Билтенот на Сојузот на физичарите на СРМ итн., за што има добиено признание од Друштвото – повелба. Активно го владее англискиот јазик, а пасивно рускиот и францускиот.